Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истражна постапка против вкупно пет лица, од кои првоосомничениот како директен извршител на кривично дело „убиство“, како и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, додека останатите четворица се осомничени за „помагање на сторителот по извршено кривично дело“.
Во штипскиот Основен суд пред судија на претходно постапка вечерва се спроведени пет лица, кои се инволвирани во синоќешното убиство на 25 годишниот странски државјанин во угостителски објект на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип.
По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, полицијата во близина на наплатна рампа Миладиновци, од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на синоќешното убиство во Штип, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото, соопштија од МВР.
Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е лишено, информираше ЈО. Пронајдено е и оружјето.