Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, која истакна дека вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабоко хумана, не е бескрвна, туку бунтовна, не е привремена, туку безвременска… -На бреговите на древното и се уште прекрасно езеро, под ѕвездениот свод и под Самуиловите кули, течеле тегобни и среќни времиња, се нижеле милениуми и векови, се менувале царства, ропства, окупации и ослободувања, се граделе и осветувале цркви, манастири, школи и куќи, се пишувале азбуки и книги, се сликале фрески и икони со божја помош, се пееле молитви, но и свадбарски песни, се бодрела верата, се челичел умот, се негувала љубовта, се изразувала страста…Охрид е град на вековни дијалози: минатото комуницира со сегашноста, светците и свештениците со верниците, рибите со рибарите и галебите, уметниците со езерската шир, со планините и небото, домаќините со гостите… Од двата брега на езерото, инспирација црпеле првиот македонски романтичар, Константин Миладинов, но и првиот албански модернист, Лазгуш Порадеци, рече таа. Kurir