Европската комисија денеска презентираше план во рамки на иницијативата „РЕПауерЕУ“, кој треба да го трасира патот за обезбедување целосна енергетска независност на Европската Унија од Русија во следните години – јави дописникот на МИА од Брисел.
Во неделата кога одбележуваме 80 години од крајот на Втората светска војна, уште еднаш се наоѓаме во одлучувачки момент во историјата на Европа, кога од начинот на кој ќе запре војната во Украина ќе зависи како ќе биде обликуван нашиот континент за генерациите што доаѓаат, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европарламентот посветена на поддршка на ЕУ за постигнување праведен, одржлив и сеопфатен мир во Украина.