Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека треба да има правосилна судска пресуда за да се почне постапка во законодавниот дом за одземање на мандатот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат.
Одлуката за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е во надлежност на Собранието на Република Македонија, согласно Законот за спречување на корупцијата.
Завчера, на само еден ден пред да биде поднесен обвинителен предлог за предметот против претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, членовите на комисијата си одржувале oбука за интегритет и превенција од корупција за вработените во Агенцијата за храна и ветеринарство.