Се прави анализа за линеарно зголемување на пензиите од 1.000 денари наесен и исто толку наредната пролет, соопшти премиерот Христијан Мицкоски прашан дали ќе има предизборно покачување на пензиите и додаде дека одлуката ќе биде набргу донесена.
До крајот на месецов треба да биде познат моделот како ќе се реагира на зголемувањето на цените на прехранбените производи.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче уште еднаш упати апел за лидерска средба на која, како што рече, би се детерминирале црвените линии и би се постигнал натпартиски консензус за клучните државни прашања.
Нашата политика е силна Македонија, со силна економија, со владеење на правото, вели премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека Македонија годинава потпиша стратешко партнерство со земја членка на ЕУ – Унгарија, потпиша стртешко партнерство со Велика Британија, во исклучително добри односи сме со САД, потпишавме договор за стратешка соработка со Турција, во очекување сме да потпишеме таков договор и со Обединетите Арапски Емирати и први во регионот ја усогласивме нашата надворешна и одбранбена политика со ЕУ. Во 14 месеци Влада, според Мицкоски, ако се исклучат „полу-вистините, лагите и конструкциите“ нема ниту една коруптивна или криминална афера.