Против директор на „Комуналец“ во Кичево и четворица вработени, поднесена е кривична пријава за несовесно работење во службата и загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против З.Ј.(49) од с. Горно Строгомиште, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторени две продолжени кривични дела во стек „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 и „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“, по член 230 став 1 и ст.5 и против Б.Б.(49) од с.Грешница, кичевско, С.А.(49) од Кичево, Д.Ј.(56) од Кичево и Ф.Т.(62) од Кичево поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“ по член 230 став 4. З.Ј. – директор на Јавно комунално претпријатие „Комуналец“ во Кичево, во периодот од 2020 година до денеска постапувал спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата, формирал дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево, за која давал задолженија на вработените секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи.